Спасовски и Османи со различни ставови-дали ИВЗ треба да ги отвори џамиите?
Различни ставови во Владата за ограничување на работата и собири од верските заедници по вчерашната одлука на Исламската верска заедница од 12 мај џамиите да бидат отворени за молитиви, но и по масовната литија на МПЦ пред два дена во Струга за Ѓурѓовден.Техничкиот премиер Оливер Спасовски побара ИВЗ да ја преиспита одлуката, но и Македонската православна црква да се однесува, како што рече, одговорно.
„За отворањето на џамиите односно носењето на одлуката на ИВЗ јас го кажав мојот став за сите верски заедници дека тие треба да ги почитуваат одлуките што ги носи Владата и нема организација дали е тоа верска, дали е политичка, дали е поединец кој не треба да ги почитува одлуките. Заради тоа што овие одлуки не се од политичка причина, ова се одлуки што значат заштита на животот и здравјето на граѓаните. Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука во делот на отворањето на верските објекти, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ да се однесува сериозно заради тоа што направи низа на пропусти во изминатиот период“, вели Спасовски.
Од друга страна, вицепремиерот и координатор на кризниот штаб Бујар Османи пак, смета дека одлуката на ИВЗ треба да остане. Спречување на верските обичари според Османи е противуставно.
„Разговаравме вчера за подготвување сет на мерки што треба да се имплементираат. Тие се спремни сите мерки кои ние ќе ги дадеме во смисла на одржување на доволна дистанца и одредени мерки за лична заштита, верниците да ги почитуваат при извршување на верските обреди. Ние имаме генерална одлука за спречување на собир и на групирање, уредба со законска сила но немаме уставно право да се мешаме во одлуките на верските заедници“,вели Османи.
За литијата во Струга поради неактивирање на полициските службеници да преземат соодветни мерки, Спасовски денеска побра оставка од Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и тоа како морален чин.
Ние, додаде, се наоѓаме во време што е ненормално, време кое не изместува сите нас од обичниот начин на живеење и време кое ќе бара нова нормалност во идниот период. Непочитувањето на одлуките, неактивирање на полициски службеници тоа го казнуваат да се преземаат соодветни мерки, секако дека бара и одговорност
По реакциите токму на Владата и Министерството за здравство, Јавното обвинителство отвори предмет за масовното присутво на граѓаните на верскиот настан. Ќе се сослушуваат свештениците кои ја организирале Литијата, а побарани се и снимките од безбедносните камери на околните објекти за да се идентификуваат лицата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
