Македонија
15. October 2020 - 16:48

Заев очекува брза реакција на пратениците, партиите немаат конкретни предлози за спас од есенскиот бран

Иако сметаат дека е време за нови рестриктивни мерки поради рекордните бројки на корона позитивни, сепак ниту една од парламентарните партии нема конкретни предлози кои мерки тоа би биле. По укинувањето на вонредните состојби и конституирањето на парламентот, пратениците се тие кои ќе ги носат законските измени со кои ќе се воведуваат евентуалните рестрикции, како скратено работно време на угостители, забрана за точење и купување алкохол, полициски час...

Од власта даваат потполна доверба на мерките што ги предлага Комисијата за заразени болести и апелираат да се почитуваат општите мерки: маски, дезинфекција, дистанца и без групирања.

„Веќе, Владата донесе нови мерки што ќе стапат во сила веднаш по усвојувањето на законските измени во Собранието, овие мерки се во насока на заштита на јавното здравје“, пишуваат интегративците.

Новите владини мерки се веќе во собраниска процецедура. Се уште не закажана комисијата за здравство која првично ќе треба да ги помине законските измени. Тешко ќе оди и нивното усвојување поради позитивни пратеници, но и најавата за амандмани од страна на опозицијата. Но, сепак ни тие не нудат конректни мерки во овој момент.

Премиерот Заев вели дека мерките треба да бидат прв приоритет на пратениците. Смета дека засега нема потреба од прогласување на нова вонредна состојба.

Заев најави и дека за мерките и состојбата со КОВИД во државата треба да има дијалог меѓу власта и опозицијата во парламентот.