Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за блокада на Собранието
Деструкција или заштита на граѓанскиот интерес. Власта и опозицијата различно гледаат на блокадата која му се случува на парламентот изминативе недели.
Веќе два дена пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ спроведува т.н. филибасдтеринг бојкот на собраниските седници. Држејќи долги говори со меѓусебни реплики и контрареплики пратениците на опозициската партија се обидуваат да спречат на дневен ред да дојде точка за која велат дека е покривање на криминалот на власта.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека собранискиот спикер не дава навремени известувања дали парламентот ќе работи и по 18 часот, што е деловничка обврска, но и кога седниците би продолжиле наредниот ден со што, според нив, власта се обидува да ја одбегне опозицијата.
На ВМРО-ДПМНЕ поддршка даваат и пратениците на Алијанса на Албанците и Алтернатива, како и на Левица.
Од власта пак, тврдат дека опозцијата намерно ја саботира работата на парламентот спречувајќи закони кои се добри за граѓаните.
„И наместо да ја научат лекцијата, вчера опозициските пратеници продолжија со блокади и деструкции. И не само што не се засрамија, туку и јавно се фалат со нивните блокади на важни закони“.
Првиот дел од собранискиот ден поминува во мирна атмосфера, за разлика од синоќа кога пред полноќ ситуацијата кулминираше со меѓусебни довикувања и снимања со мобилни телефони од собраниската сала.
Освен блокадата на говорниците, опозицијата ја блокира работата на парламентот и преку поднесување на стотици амандмани на измените на Деловникот за онлајн присуство на парламентот и на законите за задолжително пензирање, а тактизира и со кворумот. Токму поради најва за ваква блокада власта ги повлче измените и на законот за надворешни работи за двојни државјанства на амбасадорите.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
