Македонија
28. December 2020 - 19:56

Стартува процедурата за избор на нов состав на ДИК

Државната изборна комисија наредниот месец ќе добие нов состав со двегодишен мандат. Собранието ја почна процедурата за распишување на оглас за претседател и членови на нависокото изборно тело. 

Од моментот на распишување огласот трае 8 дена, а потоа собраниската комисија за избори и именувања изготвува листа од кандидатите кои се пријавиле. Од овој список партиите треба да ги предложат своите кандидати и тоа опозицијата предлага претседател и двајца членови, додека пак, власта потпретседател и тројца членови. Составот на ДИК се избира со 2/3 мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Од власта велат е време државата да добие кредибилен состав.

„По поднесувањето на кандидатурите ќе разговараме на ниво на пратенички групи, а и на политички партии на власт и опозциција со цел избор на најквалитетни кандидати, но и врз основа на законското правило на распределба на местата кои доаѓаат на предлог на опозцијата“, велат од пратеничката група на СДСМ.

И од опозицијата очекуваат професионален состав не зависно што составот е политички.

Тековниот состав на ДИК беше избран во тешки политички преговори во јуни 2018 година. Мандатот кој требаше да му истече летово беше продолжен за онолку време колку што траеше вонредната состојба и истекува во текот на јануари. Овој став на ДИК го организираше референдумот за името, но и парламентарните избори среде пандемија за кои опозцијата обвини за многу забелешки во пребројувањето на резултатите.