Опозицијата најавува бојкот на пописот, власта вели ќе ги почитува стандардите
Пописот во април без поддршка од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да ги почитуваат резултати од статистичката операција бидејќи според нив власта спроведува пописен инженерениг и најавуваат нов попис кога ќе дојдат на власт.
„СДСМ се обидува да направи попис во кој луѓето нема да имаат доверба, граѓаните нема да имаат доверба и институциите нема да имаат доверба....Ние имаме принципиелен и јасен став, нема да го поддржиме, нема да го почитуваме и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе кредибилен попис по сите стандарди на ЕВРОСТАТ и другите европски и институции на Обединетите Нации“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако владејачкото мнозинство пред новогодишните празници во скратена постапка со европско знаменце ја заврши комисиската расправа за законот за попис без да прифати ниту еден амандман на опозицијата. Опозициските пратеници реагираат на тоа дека во законското решение ја нема методологијата за попишување, дека се користи електрoнска пописница за тие што живеат и работат надвор од државата, потоа за попишувањето од блиски на лице кое не е присутно при попишувањето...ВМРО-ДПМНЕ побара и попишување со отпечаток на прст.
Албанската опозиција пак, се уште се надева на некакви корекции во законот за попис бидејки според нив статистичката операицја треба да биде инклузивна.
Законот за попис, според неофицијалните информации од власта, ќе биде донесен на седница што би се одржала веднаш по Божиќните празници.
Од владејчката СДСМ велат дека најавата на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на пописот е антидржавен потег бидејки пописот е статистичка, а не политичка операција.
„Јавноста може да биде спокојна. Сите европски и светски стандарди се задоволени. Нема ниту еден стандард кој не задоволен. Од Државниот завод за статистка има целосно уверување дека сите стандарди се задоволени дури и повеќе од тоа и дека ќе се преземат сите можни мерки да се спречи двојно попишување... ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спречи процесите кои имаат за цел развој и напредок на целото македонско општество“, велат од СДСМ.
Државата последен пат спроведе успешен попис во 2002 година. Во 2011 година се направи обид за нов редовен попис, но поради сомнеж за непраивлно попишување тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го прекина пребројувањето на населението. Од тогаш политичките актери во земјава не можат да се договорат кога и како да се спроведе најголемата статистичка операција. Лани, беше постигнат саmо начелен договор меѓу власта и опозцијата дека попис е потребен и дека може да се спроведе со комбиниран систем: теренски и електронски.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
