Студија: Дел од прележаните од Ковид-19 ќе имаат антитела целиот живот
Ново откритие за прележаните од Ковид-19 доаѓа од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Вашингтон. Нивната студија покажува дека луѓето кои имале благи симптоми се стекнале со доживотен имунитет на корона вирусот. Оваа студија открива дека кај овие луѓе не е можна реинфекција од вирусот. Професор од Универзитетот Али Елебеди кој е еден од истражувачите смета дека нивото на антитела е нормално да опаѓа по акутна инфекција но сепак не паѓа на нула. Тие нашле клетки кои произведуваат антитела и по 11 месеци од појавата на првите симптоми кај испитаниците а тоа било силен доказ за долготраен имунитет.
Вториот дел од студијата покажува дека мал дел од тие клетки остануваат во коскената срцевина и непрекинато лачат антитела во крвотокот. Професор Петличковски од македонскиот институт за имунологија смета дека е возможен траен имунитет и според него овој податок за коскената срцевина ветува многу.
Токму овие студии уште повеќе одат во прилог на некои препораки од светски имунолози и епидемиолози дека луѓето кои го прележале вирусот би требало да примат една доза на вакцина. Петличковски вели во наредниот период се очекува да прецизираат кој и колку дози ќе треба да прими.
Сепак доколку имунизацијата не се одвива масовно летово, можно е на есен да се соочиме со истите проблеми. Петличковски е воздржан оптимист кога е во прашање смирувањето на епидемијата и смета дека следните месеци треба да се искористат за ефикасна имунизација со по 10 000 вакцинирани дневно за да се нормализира ситуацијата.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
