Македонија
6. јуни 2021 - 16:42

ДУИ го објави првиот проект од таканаречената зелена агенда

Во Тетово речиси 9 години на чело на општината е кадар на ДУИ но животна средина е последна на агендата на локалната власт. Токму во овој град граѓаните велат дека најголем проблем е јавната чистота и загадениот воздух. Тетово веќе неколку години по ред се наоѓа на листата најзагадени градови во Европа. Голем проблем според тетовци се и малите хидроцентрали, и дивата депонија. Еко Герила кои подолго време алармираат за проблемите со животната средина и екологијата сметаат дека зелена агенда во Тетово никогаш не се спроведувала напротив во изминатите години животната средина е многу загрозена.

- Во трасата каде што беше изграден водоводот пред 10 години, токму над таа траса е поставен патот преку кој што треба да стигне целата машинерија и механизација за изградба на тие хидроцентрали. И со одронувањето на таа траса тетовчани останаа без вода. Значи, дивата депонија е една позната депонија каде што сега е во одделот на Фалише, прочистителната станица којашто и ден денеска истата не е ни почната со изградба а депонијата и фундаментот е отворен и оставена е една таква огромна дупка. Значи овие се големите предизвици што Општина Тетово требаше до сега во овој 9-годишен мандат да ги уредува, изјави Хамди Сулемани активист на Еко Герила и Спас за Попова Шапка.

Урбаната узурпација е се почеста слика во Тетово посочуваат активистите. Дополнително се загрижени за состојбата со Шар планина каде наместо ревитализација која одамна требала да се случи, властите најавуваат голф терени на Шапка.

- Ако ние не можеме да имаме успешна зимска сезона и истата да ја управуваме кога Господ ни го дава снегот значи политичарите и функционерите мислат дека со голф терените ќе ја спасат Попова Шапка. Тие нека се освестат, нека гледаат најбрзо да реагираат за да ја спасат Попова Шапка, а не да излегуваат со вакви пародични изјави и идеи, додава акивистот Сулемани.

Овие контејнери се во непосредна близина на општината и основно училиште, каде градоначалничката секојдневно минува за да пристигне на работа. За актуелната состојба во градот не добивме одговор од градоначалничката теута Арифи иако побаравме нејзин став. Инаку ДУИ денеска го промовираше и првиот зелен проект а се однесува на обновливата енергија и искористувањето на  сончевата енергија. Посочуваат дека овој проект веќе се имплементира во ТЕЦ Осломеј а во процес на трансформација е и РЕК Битола. Премиерот Заев позитивно ја оцени трансформацијата на ДУИ кон зелената агенда.

- Мене ми е драго што можам денеска да искоментирам дека најголемата албанска политичка партија заокружува етничка агенда и дека денеска веќе зборуваме за граѓаните. Доста беше тоа Албанци, Македонци, Срби Турци, Власи... граѓани имаме во државата и сакам да го поздравам тоа заради тоа што е навистина исчекор, изјави премиерот Зоран Заев.

Одлуката на ДУИ беше соопштена вчера по повод 19 годишнината од основањето на партијата.