Струмица: Изложба на икони од 19 век
Во минатото Струмица била еден од поразвиените духовни центри на територијата на Македонија. Освен големиот број цркви откриени во овој регион потврда за тоа дава и податокот дека на овие простори имало и роднокрајни зографи. Еден од најплодните бил Григориј Пецанов кој творел во втората половина на 19 век. Речиси да не постои црква во струмичко и регионот во која нема икона со потписот на Пецанов. Неговото ликовно дело е присутно и надвор од Македонија. Мал дел од иконите потпишани од Григориј Пецанов струмичкиот завод и музеј ги смести во една изложба со наслов ,, Богатство што треба да се види,,.
„Работи и во беровско, работи и во делчевско, валандовско, радовишко, дури има икони цртано и во цело Челопече Софиско. Таму го има оставено најинтересниот негов потпис во кој се наведува од руке Григорија Пецанова македонец од Струмица. Така да, многу интересен зограф кој доволно не е истражен. За него нема некои пишани податоци, само усни и од тоа што оставал некои податоци на неговите икони“, вели Магдалена Василева - историчар на уметност - автор на изложбата.
Авторот на изложбата, Магдалена Василева, смета дека во иднина треба да се посвети многу поголемо внимание на роднокрајните зографи бидејќи се значајни, но малку истражени.
„Би било убаво да почнеме да ги истражуваме роднокрајните зографи. Сите негови дела се евидентирани, но не се документирани. Би сакала во идно време да се истражат, да се документираат, па можеби да се направи некоја монографија за овој зограф“, вели Василева.
Изложбата на икони од 19 век на струмичкиот зограф Григориј Пецанов беше реализирана како дел од годишната програма на завод и музеј Струмица, а во рамки на манифестацијата Струмица град на културата.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар