Македонија
1. February 2022 - 16:37

Комисијата за заразни болести доби нов претседател и проширен состав

Директорот на Институтот за имунологија седна на местото на епидемиологот Караџовски. Професор Петличковски е нов претседател на Комисијата за заразни болести а доктор Злате Мехмедовиќ е задолжен за комуникација со медиумите околу сите активности на ова советодавно тело. Нема да работат по принципот како е во соседството и Европа така да биде и кај нас, туку врз база на научни сознанија.

„Ние нема да работиме на принцип – во Англија се фрлија маските па и ние ќе ги фрлиме. Во Македонија условите се специфични и затоа не може еднострано да се прифаќаат одлуки. Ќе ги следиме сите научни сознанија по што ќе произлегуваат препораки, вели проф. Др. Александар Петличковски, претседател на Комисија за заразни болести.

Инфектолози, клиничари, пулмолози, лица од примарната заштита се дел од проширениот состав на Комисијата а меѓу нив е и токсикологот Нико Беќаровски кој досега секојдневно преку социјалните мрежи беше активен со свои предлози за справување со пандемијата.  Што доколку бројните членови немаат едногласен став околу одредена мерка?

-Не мора да имаме едногласен став, го разговравме и тоа денес. Одредени несогласувања може и јавно да ги разгледаме а секако министерот го има последниот збор, изјави др. Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести.

Комисијата ќе се состанува задолжително еднаш неделно во вторник и по потреба и повеќе пати ако треба, вели Беким Сали министер за здравство.

Новопроширениот состав денеска ја разгледувал и епидемиолошката состојба во државата и пораката на Илир Демири од Инфективна е граѓаните да не се опуштаат дека омикрон е лесна варијанта.

-Од мое лично искуство, без да се ослонувам на научни сознанија, досега не сум имал искуство ниту еден пациент кој е починат, а редовно вакциниран без коморбидитети. Истовремено, изгубивме млад живот – пациентот беше невакциниран со коморбидитети висок притисок и голема обезност. Жалосно е да живееш во Скопје и да бидеш невакциниран, вели др. Илир Демири од Инфективна клиника.

За скринингот во училиштата, Комисијата најави дека ќе биде со брзи тертови по случаен избор кај 10 до 20 000 ученици, но засега нема термин кога ќе биде спроведен. Инаку, последниот извештај на ИЈЗ покажува дека за 2,7 проценти е зголемен бројот на новодијагностицирани а дури за 38 проценти има повеќе починати во споредба со претходната недела.