Македонија
10. February 2022 - 16:37

Се оствари стравот на јавните претпријатија, добиле 4 пати повисоки сметки за струја

Се оствари најцрното сценарио кое го предвидуваа јавните препријатија по најавата за покачување на цената на електричната енергија. Сметката за струја за месец јануари на ЈП „Исар“ од Штип е покачена за 4 пати и изнесува 19 милиони денари, а вкупниот месечен приход од наплата на водни и комунални услуги изнесува 17 милиони денари.

-Тоа значи дека сметката за струја е за 2 милиони денари поголема од нашите максимални приходи кои ги остваруваме во еден месец. Жално е што досега, иако апелиравме повеќе пати зошто се знаеше дека ова ќе се случи, од институциите немаше никаква реакција, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ - Штип.

„ИСАР“ веќе должи 30 милиони денари за неплатени фактури за 6 месеци.

-Приватниот добавувач кој го раскина договорот покрена постапка против нас, си ги бара своите пари, така што дополнително и овие средства јавното претпријатие и општината немаат механизам со кој што би обезбедиле толку пари за да ги платат овие сметки, додаде Здравков.

Финансиската состојба е уште по критична во малите рурални општини. Во Општина Чешиново – Облешево месечно за струја во просек плаќале по 150 000 денари, а сега фактурата е скоро 6 пати поголема.

-Ние работиме со блокирана сметка, со наследени долгови од 36 милиони денари, дополнително сметка од 850 000 денари само по основ на електрична енергија, верувајте дека тоа е многу- изјави Далибор Ангелов, градоначалник на О.Чешиново - Облешево.

Општинарите стравуваат дека, доколку централната власт не преземе итни мерки, претпријатија ќе заглават во долгови.