Македонија
12. February 2022 - 16:34

Свети Николе постави нов проблем за изградбата на регионалната депонија

Несогласување околу изградбата на регионалната депонија помеѓу градоначалниците од Источниот регион и првиот човек на општина Свети Николе, на чија територија е планирано да биде поставена фабриката за отпад. Советот на градоначалници од истокот е на став дека локацијата е дефинитивно утврдена, а процесот е во поодмината фаза и секое ново одлагање ќе значи губење на време и пари.

- Ова ќе значи враќање на постапката неколку години наназад што нас како регион во никој случај не ни одговара. Одлуката е донесена да биде во Мечкувеци, Светиниколско. Ние како источно плански регион веќе донесовме одлука за следната фаза, формирање на јавно претпријатие кое што ќе управува со отпадот. Следна фаза е затворање на посточките диви депонии во сите општини, изјави Иван Јорданов, претседател на Совет на ИПР и градоначалник на Штип.

Легитиметот за одлуката да се повлечат од учевство во работата на УО на јавното претпријатие кое ќе управува со депонијата, градоначалникот Владев го базира врз вољата на светиниколчани.

- Ние сме против изградбата на оваа депонија на таа локација. Има места на територијата на општина Свети Николе, каде што нема да се засега во животот, здравјето и работата на земјоделците, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.

Проблем е што веќе е изработена студија во вредност од 850 000 евра, финасирана со европски пари. Целиот проект чини 46 милиони евра, а Штип, Куманово и Свети Николе искористија дел од средствата за набавка на камиони и контејнери.