Loading Video...
Кошарка
22. February 2022 - 12:56

Македонија без селекторот Баиќ оди на гостувањето во Грузија

Покрај ракометот за домашната спортска јавност периодов актуелен ќе биде и настапот на македонската кошаркарска репрезентација, која ја очекува двомеч со Грузија во рамките од квалификациите за СП 2023 година
 
Откако вчера и утринава одработија два тренинзи, македонските кошаркари отпатуваа за Тбилиси каде во четврток ќе го играат првиот од двата натпревари против Грузија во овој квалификациски „прозор“. 
 
За маките да бидат дополнително поголеми, откако стана јасно дека на овој натпревар ќе настапиме без петмина стандардни првотимци, денеска и дополнителен удар за црвено-жолтите. Имено, репрезентацијата во Тбилиси ќе биде и без селекторот Драган Баиќ кој добил позитивен ковид тест, па тој останува во Скопје. 
 
Така најверојатно неговиот помошник, тренерот на Гостивар. Александар Јончевски, ќе ја предводи нашата селекција, во обид да се оствари првата победа во квалификациите. 
 
 
Потсетување дека во тимот поради повреди ќе ги нема Димитриевиќ, Магдевски, Дамјан Стојановски, Стајиќ и Ѓуровски, а неизвесен е и настапот на Мекиќ кој поради повреда не настапи на двата натпревари во саботата и неделата МЗТ Скопје во Купот на Македонија. 
 
Првиот натпревар меѓу Грузија и Македонија ќе се игра во четврток од 19 часот, а возвратниот во Скопје, на програма е во недела од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“.