Камион удри во наплатната рампа кај Кадрифаково, одложено пуштањето во употреба
Една наплатна кабина на патарината во изградба кај с. Кадрифаково на автопатот Штип-Миладиновци е целосно оштетена, а на две соседни има делумно оштетување, откако утринава во нив удри и се преврте камион кој превезувал брашно. За среќа, освен причинетата материјална штета нема повредени. Возачот се чувствувал добро, но бил трауматизиран од несреќата. По извршениот увид на лице место, констатирано е дека оштетени се две задни рампи и 2 линиски контролери, држачи и столпчиња. Од Јавното претпријатие за државни патишта преку соопштение информираат дека:
- Наплатната станица Кадрифаково беше во завршна фаза на изведување и требаше да се пушти во април. Со причинетата штета ќе се направи непланирано одложување на пуштањето во употреба од причина што целосно оштетените делови ќе мора да се заменат со нови. За колку ќе се пролонгира отворањето на наплатната станица во овој момент не можеме со сигурност да предвидиме се додека не добиеме целосна информација за причинетата штета.
Првиот човек на ЈПДП неодамна ја соопшти цената на патарините кои граѓаните од истокот ќе треба да ја платат за патување за 47 км по автопатот.
- Цената на патарините се утврдува според Закон и за 1 км изнесува 2,57 денари, така што, кај Преод ќе биде 50 денари, а кај Кадрифаково 70 денари, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП.
70 денари ќе мора да платат и граѓаните кои патуваат до Велес, зашто нема алтернативен регионален пат, а по автопат ќе возат само 9 км, што според Законот кој го цитира Рустеми би требало да ги чини 23 денари. Втор проблем, што најповеќе ги иритира возачите кои мора да плаќаат енормно високи патарини, е што и после 3 месеци двете свлечишта на автопатската делница се уште не се санирани.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар