Македонија
11. March 2022 - 16:35

Две години Ковид пандемија

Со над 6 милиони смртни случаи во светски рамки и повеке од 450 милиони лабораториски потврдени, ковид 19 се уште е глобална закана. На 11 март 2020 година СЗО прогласи пандемија – две години подоцна, првиот човек на оваа организација вели дека на опасноста не и се гледа крајот и вирусот се уште зема замав во делови од светот.

-Иако пријавени случаи и починати се намалуваат глобално и неколку земји ги поништија рестрикциите, пандемијата е далеку од готова и нема да биде готова било каде додека не е готова секаде. СЗО е загрижено што неколку земји драстично ги намалија тестирањата. Тоа ја намалува нашата можност да гледаме каде е вирусот, како се шири и како се менува, изјави Тедрос Адан Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Карантини, рестриктивни мерки, преполнети болнички капацитети беа карактеристични за 2020 и 2021. По оригиналниот сој од Вухан, се редеа британски, индиски и актуелниот омикрон кој е доминантен во светски рамки. За разлика од лани, сега голем број земји почнаа да го враќаат животот во нормала иако од СЗО предупредуваат дека тоа што има помалку случаи се должи и на драстичното намалување на тестирањата.

Во Македонија првиот случај беше регистриран на 26 февруари 2020.

Денеска, статистиката покажува дека во нашата земја од вирусот починале повеќе од 9 100 граѓани а над 300 000 биле дијагностицирани со  ковид 19.