Прв ден без починати од Ковид-19
После 8 месеци прва дневна статистика без починати од Ковид-19.
Изминатото деноноќие биле регистрирани повеќе оздравени од новодијагностицирани со вирусот, а стелт варијантата на Омикрон е доминантна во државата.
Во Демир Хисар, Дојран и Демир Капија нема ниту еден заболен, а во 15 градови бројот на активни случаи е под 10. Во последните 24 часа од 234 граѓани кои добиле позитивен тест дури 38 или секој 6-ти е заразен по втор пат.
Дека епидемиолошката состојба е стабилна покажува и неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Дури за 45 проценти е намалена смртноста во споредба со претходно анализираниот период – од 28 март до 3ти април битката со ковид ја изгубиле 12 пациенти од кои 11 биле над 60 годишна возраст.
Неделната анализа на ИЈЗ покажува дека најголемо зголемување на заболени има кај возрасната група од 0-9 години и од 10 до 19. Тоа е истиот период откако со владина одлука се укина задолжителното носење на маски во училиштата. Но од друга страна детската болница во Козле веќе два дена е без ниту еден хоспитализиран пациент со вирусот а нема сомнителни деца ниту во амбулантите.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
