Македонија
20. August 2022 - 16:53

Потврден кредитниот рејтинг ББ-

Агенцијата Стандард и Пурс го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед. Задржувањето на рејтингот во услови на енергетска и ценовна криза, предизвикана од руско – украинската војна, е позитивен сигнал и показател за довербата на инвеститорите во политиките што се водат во земјава, пишува во извештајот. Очекуваат пораст на економијата, пад на инфлацијата, но и зголемување на дефициотот. Денарот останува стабилен, банкарскиот сектор е ликвиден и висококапитализиран.

-РС Македонија ќе ги надмине влијанијата од конфликтот во Украина. Се очекува растот на економијата да зајакне во 2023 година, по прогнозираното забавување на растот во 2022 кое е резултат на индиректните влијанија од руско-украинскиот конфликт, првенствено изразено преку повисоките цени на енергијата. Инфлацијата ќе опаѓа како што се намалуваат ценовните притисоци”, се наведува во извештајот

Оваа година дефицитот ќе надмине 5%, но постепено ќе се намалува во следните 4 години. Зголемувањето се должи на потребата да се бараат свежи пари за нови антикризни мерки,  за да се заштити стандардот на граѓаните, за повисоки пензии, субвенции за земјоделците и за ликвиднсот во  стопанството.  

Од Агенцијата наведуваат дека приливите на странски директни инвестиции одстануваат високи. Во првиот квартал нето приливите надминале 100 милиони евра , а бројките ќе растат откако ќе се отвори првата високотехнолошка економска зона Скопје 3.

 Стандард и Пурс оценуваат дека напредокот во ЕУ интегративниот процес е основа за структурен и институционален развој што би го поддежале економските перспективи .

Инаку кредитниот рејтинг  го покажува степенот на ризик од инвестирање во земјата и е еден од клучите индикатори кои го гледаат вложувачите дали да инвестираат во земјата.

 Истиот кредитен рејтинг земјава го има од 2013 та година.