Повеќе други вируси а помалку Ковид кај децата во болницата „Козле“
Ентеровирози и респираторни инфекции доминираат кај пациентите во детската болница во Козле. Мал е бројот на случаи кои овој период поради ковид вирусот завршуваат во болнички кревет. Само една четвртина од хоспитализираните имаат позитивен тест но ниту едно дете не е на кислородна поддршка. Каков ќе биде есенскиот период никој не знае, но педијатрите не очекуваат бурна сезона.
-И да има зголемување на бројот на позитивни случаи, нема простор за паника кај родителите, треба овој вирус да го сватиме како сезонско заболување кај децата и се покажа дека оваа популација го поминува со лесна клиничка слика посебно омикронот. Не треба стравување, децата слободно да одат во училиште без маски, вели др. Мими Поповска педијатар од детската болница во Козле.
Доктор Поповска вели дека освен ковидот има и други вирусни инфекции кои можат да се јават во детските колективи и затоа треба да има превентивни мерки во однос на проветрување и навреме препознавање на симптомите од страна на матичниот лекар. Оние деца кои немаат позитивен тест а завршиле во Козле најчесто биле со горнореспираторни инфекции.
-Кога зборам за респираторни инфекции, мислам на горнореспираторни со зголемена температура, болки во грло, носна опструкција а многу ретко имаме бронхити и пневмонии, вели др. Поповска.
Дека не е само ковидот патологија кај болни деца покажуваат и бројките од Козле. Од почетокот на годината досега во болницата биле хоспитализирани 1450 деца. Од нив една третина односно 327 деца и 200 мајки биле со корона вирусот.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
