Македонија
27. October 2022 - 16:43

Француски „Акио“ ќе ја гради најголемата фотоволтаична централа во Штип

Најголемата капитална инвестиција во областа на енергетскиот сектор во Македонија, ќе се гради на територија на општина Штип. Се работи за фотоволтаична централа „Стипион“со моќност од 400 мега вати, која не само што ќе биде најголема кај нас, туку и во целиот регион на западен Балкан. Инвестицијата е на француската компанија „Акио“, а ја најави амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, при денешната посета на општината.

-Проектот е многу важен поради повеќе причини. Во поглед на економската криза која што постои во светски рамки, С. Македонија ќе ја зголеми својата енергетска независност. Меѓутоа, исто така ќе помогне и брзо да напредува на полето на зелени извори на енергија и декарбонизација. Крајно, можеби и најважно е што проектот ќе помогне за економскиот развој на градот – изјави Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во Македонија.

-Ќе значи многу за нас како град, пред се, за зголемување на енергетскиот потенцијал во време на енергетска криза, но сите други придобивки кои што ќе ги имаме со оваа инвестиција- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Амбасадорот не можеше да прецизира за колкава инвестиција се работи зашто цените постојано се менуваат, но истакна дека е неколку 100-тина милиони евра. Сите технички подготовки се во завршна фаза. Потребно е во Собрание да биде изгласан посебен Закон за стратешка инвестиција кој го подготвува Владата, а потоа ќе следи потпишување на договорот.