Македонија
29. October 2022 - 16:38

Институциите без решение за штипјанката која го запали станот

По не цела една недела од немилиот настан, кога избувна пожар во стан во Штип, се бара институционално решение за станарката, која најверојатно од небрежност го иницира пожарот. Во моментот е сместена на одделот за психијатрија при штипската клиничка болница, но останува неизвесно каде ќе биде згрижена по завршување на хоспитализацијата, бидејќи досега до Центарот за социјални работи нема поднесено барање од блиски роднини за нејзино згрижување. Од 2014-та година е корисник на пензија, со што делувањето на Центарот е ограничено.

- Само да не ја донесат овде. Ако ја донесат може да биде само полошо, изјави Снежана Шалева, сосетка.

И денес вработените во ЈП „Исар“ работеа на расчистување на опожарениот стан, но за целосна санација ќе треба да помине подолг период. Општинска Комисија ја утврдувала и штетата на соседните станови.

- Кај нас земаа изјава. Дојдоа на лице место, видоа што е оштетено и ветија дека се ќе направат. Дојдоа мајстори и земаа мерка, за прозори што треба да се заменат, ролетни, да се молерисува, така што сме благодарни на локалната самоуправа, изјави Шалева.

Пожарот избувна минатата недела. Две лица беа полесно повредени, а причинета е значителна материјална штета.