Со фотоволтаици ќе се легализираат дивоградбите
Од зголемената потреба од електрична енергија по рентабилна цена за индустријата, ќе профитираат и оние фирми кои се сместени во бесправно изградени објекти. Според измените на Законот за градење донесени пред 10 денови, во овие објекти треба да се стопанисува со лесна незагадувачка индустрија и да се наоѓаат на земјиште кое согласно урбанистичката планска документација е предвидена за соодветната намена и да има регулиран правен статус.
- Можат да поднесат барање за добивање на одобрение за градење за бесправно изградениот објект, со тоа што ова барање можат да го поднесат во рок од 3 месеци. Меѓутоа, ваквите субјекти, односно баратели, ќе имаат обврска во рок од една година, на своите кровови да постават фотонапонски панели. Доколку по истекот на една година се утврди дека не се поставени фотонапонските панели, одобрението ќе биде поништено. -изјави Лазе Хаџиниколов, одделение за урбанизам - ЛС Штип.
Со поедноставена постапка, на деловните објекти ќе можат да се постават фотоволтаици со моќност до 40 киловати. До сега во општината на 30 индустриски капацитети им е одобрена дозвола за градба на фотоволтаични централи. Стопанствениците во еден момент биле приморани да се одлучат за ваква инвестиција.
- Бевме доведени во ситуација да мораме да поставиме, инаку, другата опција беше за месец, два или три, да се затвори фирмата. Тоа беше состојбата кај повеќето фирми. Толку беше фрапантен тој скок на цените- изјави Кирил Нашков, сопственик на текстилна конфекција.
Издадени се и 20 дозволи на приватни инвеститори за изградба на фотоволтаични централи на земјиште со полош квалитет. Најмалите се со моќност од 1 магават, а најголемата е со капацитет од 8 мегават часови електрична енергија.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар