Жители на Кочани бараат помош, пукната цевка со години ја полни зградата со вода
Станарите на зграда на ул. Охридска во Кочани, мака мачат со напукната цевка од каде со вода им се полнат подрумите и се шири неподнослива реа. Проблемот велат се провлекува со години, но никој од надлежните не успеал да го реши. Затоа решиле јавно да проговорат, бидејќи велат, живееме како во мочуриште.
- Има пукнато некоја цевка, водата тоне и тече во подрумите. Скривницата е полна со вода, до колена вода има, има жаби, крекаат, кучиња спијат овде. - изјави Киро Јорданов, станар.
Ја понудиле и својата помош само да се најде решение, но по толку изминато време, изгубиле верба во институциите и стравуваат од најлошото.
- Сите лажат, во сите установи бевме, ветуваат дека ќе дојдат, но ги нема, а ние се мачиме овде. Подрумите не можеме да ги користиме за ништо, се е испукано, ѕидовите се попуштени, ќе падне зградата- додаде Јорданов
Од „Водовод“ Кочани велат дека, неколку пати нивни екипи излегле на терен, вршеле ископување околу објектот и на крај во присуство на станарите констатирале дека водата не истекува од надворешна водоводна инсталација под нивна ингеренција. Доколку се работи за пукната цевка во самата зграда, станарите треба да побараат помош од лиценцираната фирма која го управува и одржува станбениот објект.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар