Скопје на врвот најзагадени градови во светот, инспекторатот не открил поголеми загадувачи
Скопје речиси да нема ден, а да не е на врвот на листата најзагадени градови во светот.
Во Битола надминат прагот на алармирање, мерки се воведуваат па се укинуваат но воздухот е постојано загаден. Државниот инспекторат сепак, не детектирал поголеми загадувачи. Вината за аерозагадувањето ја посочуваат кај локалните власти и инспектори.
Претходните два дена биле направени мерења на Цементарница „Усје“ но резултатите ќе бидат готови за неколку дена вели директорот. Наместо санкции Стојковски апелира на мерки за бесплатен јавен превоз, забрана за автомобили, градежни активности,миење на улици.
Политичките партии во меѓувреме си ја префрлаат вината едни на други додека граѓаните ги трпат последиците по своето здравје.
Од СДСМ одговорноста ја гледаат во Град Скопје и намалениот буџет за оваа година предвиден за заштита на животната средина.
Буквално една година е потрошена на кавги за тендери и провизии, а за загадениот воздух локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не направи ништо. ЈСП е нефункционално, приватните превозници не возат, нема инвестиција во еколошки мерки за транспортот, дури нема ниту времени мерки за бесплатен јавен превоз. Сето тоа предизвика да се зголеми користењето на возилата во Скопје, а со тоа да порасне и загаденоста на воздухот.
Од Левица бараат итна вонредна седница на советот на О. Ѓорче Петров за справување со токсичниот воздух.
Општината е на ова поле лидер во градски, па и државни рамки и како таква - ги преживува овие денови на шкрги заради немањето стратегија од страна на градоначалникот (којшто е доктор по професија) и неговиот тим, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Ковачевски е во коалиција со Арсовска и Левица, а владата е одговорна за загадениот воздух.
Во поглед на инвестициите за намалување на загадувањето, Арсовска и Ковачевски се во тесна трка кој помалку може да направи, а на крај и двајцата не прават ништо. СДС е централна власт 7 години. И 7 години нема ниту еден значаен проект за намалување на загадувањето на воздухот. 20 милијарди евра потрошија низ буџетите изминативе години, и ниту еден проект за намалување на загадувањето на воздухот не реализираа.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
