Македонија
16. January 2023 - 16:41

Пациентите со цистична фиброза молат за помош, институциите си ја префрлаат одговорноста

Повеќе во болничка соба отколку со најблиските – почесто со кислородна подршка наместо на чист воздух. 

Вака изгледа секојдневието на Благојче Илиевски кој има цистична фиброза и од вчера повторно е пациент на Клиниката за пулмологија. Неговата состојба е сериозно влошена, капацитетот на белите дробови едвај во функција, но вели не се предава. 

-Влошена состојбата со дишење, сатурација намалена, потешко движење, кислород нон стоп треба, вели Благојче Илиевски пациент со цистична фиброза. 

45 -годишниот битолчанец е свесен за својата состојба и дека мора да биде зависен од неговите најблиски.

-Никако не можеш да бидеш функционален, мислиш можеш се а неможеш...како паника те фака и мора да седнеш да се смириш со кислород и потоа пак да станеш затоа што неможе само седење, вели Благојче.

Најмалку десет дена ќе биде во болница и тоа постојано му се случува на секои три месеци. Но не мора да биде така вели Благојче, уште еднаш апелирајќи до надлежните инситутции да го обезбедат современиот лек кој и на Илијевски и на останатите со цистична фиброза ќе им овозможи нормален живот.

-Се е во нивни раце, ние не се предаваме од оваа битка иако не е лесно..што поскоро го обезбедат лекот тоа подобро за сите нас, вели Илијевски.

Околу 15 милиони евра годишно ќе чини современата терапија за стотина пациенти со цистична фиброза. 

Но кој да ги обезбеди парите – Министерството за здравство топката ја префла во Фондот за здравствено осигурување, а оттаму пак нема најави кога може да има финасии за овие пациенти. И додека едни играат пинг понг, болните немаат време за чекање. Во февруари најавуваат повторно протест, но овојпат пред Влада.