Родова еднаквост на зборови, но не и на дело
Поголем дел од општините во државава се без конкретен буџет и програма за родова еднаквост. Голем дел од Комисиите за еднакви можности во Општините немаат состаноци, ниту активности на теми поврзани со родовата еднаквост. Некои општини до лани не одвојувале ниту денар за оваа намена, ниту имале годишни извештаи за еднакви можности што е законска обврска. Општина Прилеп за прв пат годинава издвојува 600.000 денари за овие активности, а се прави и програма.
„Главна цел ни беше да направиме некоја анализа и претходно истражување на тие фокус групи, или целни групи со цел да ги увидиме и нивните реални потреби и барања и врз основа на сето тоа да ги имплементираме активностите, затоа што целта на крајот на програмата е да има бенефит за сите граѓани локално ниво“, рече Александра Димова, претседателка на КЕМ Прилеп.
Ситуацијата се сменува и кај руралните општини како Кривогаштани, секоја донесена програма се гледа да има родова сензитивност.
„Обуките за јакнењето на свеста на вработени во институциите, како подолгорочна мерка, затоа што од тука почнуваат сите мерки. Мора да бидат вработените обучени за понатаму да ги инкорпорираат во програмите и мерките што ги спроведуваме“, истакна Дејан Киселоски, координатор за еднакви можности во Општина Кривогаштани.
Според советничките од Општина Прилеп иако состојбата е подобрена за разлика од минатото стереотипите се уште биле присутни, а некои професии како да биле резервирани за мажите.
„Јас би рекла дека третманот и статусот на мажите и на жените треба постојано да се надградува, на секое ниво на власт, без разлика дали е на централно или локално ниво, со цел да се намалат тие разлики, стереотипи, ограничувањата и на тој начин ќе имаме повеќе жени кои ќе пројават интерес кои ќе учестуваат во креирањето на локалната политика“, изјави Ирена Стерјоска Локвенец, советник во Општина Прилеп.
„Морам да споменам дека во дадени професии во нашата држава, или овде на ниво на локалната самоуправа, или општина Прилеп, има професии каде се уште жената, особено во инжинерство, рударство и машинство имаме поплаки во тој дел дека тешко е да се добијат тие работни места“, кажа Марија Симоноска, советник во Општина Прилеп.
Од НВО Рурална Коалиција кои правеле истражување во 6 општини потенцираат дека оваа тема ќе се има во предвид при отворањето на секое поглавје или кластер од нашите евро интеграции.
„Самата информираност, како и промовирањето на родовата еднаквост на локално ниво, всушност ќе овозможи и да се унапреди процесот на нејзино практикување во локалната заедница, бидејќи исклучиво само преку земање подеднакво во предвид на потребите и на мажите и на жените ќе се овозможи подеднаков напредок на општественото живеење“, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална Коалиција“.
Еднаквоста помеѓу мажите и жените при донесувањето на одлуките е значаен предуслов за влез во ЕУ семејството.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар