Македонија
24. јуни 2023 - 16:48

Како влијае врз граѓаните првиот топол бран по студената пролет?

По првиот бран со високи температури летово, лекари од Поликлиниката Железара денеска направија превентивни бесплатни прегледи на повеќе од 200 граѓани во скопска Автокоманда. 
- ЈЗУ Поликлиника Железара денес спроведува скрининг на населението во населеното место Автокоманда. Целта на овој скрининг е да допреме што повеќе до граѓаните и да им ја подигнеме свеста за да го зачуваат своето здравје, изјави Александар Вељановски, директор на ЈЗУ Поликлиника Железара.

Кај дел од прегледаните граѓани беше утврден висок притисок, други пак имаа зголемени вредности на шеќерот во крвта и им беше препорачано да направат дополнителни проверки од понеделник во Поликлиниката Железара.

- Неретко на вакви случајни проверки доаѓаме до сознанија односно рано откривање на одредени заболувања како што се крвниот притисок, висока вредност на шеќерот во крвта, изјави д-р Весна Здравковска, специјалист интернист во ЈЗУ Поликлиника Железара.

Од страна на дерматолог од Поликлиниката, на заинтересираните граѓани им беа направени и кожни прегледи, а добија и совети без соодветна заштита да не излегуваат на сонце за да превенираат карциноми на кожата.

-Луѓе со светла коса, светли очи, светол тен, луѓе кои имаат тенденција да горат, а не да потемнуваат на сонцеи имаат поголем број на бемки на нивното тело или имаат позитивна фамилијарна анамнеза за карцином на кожата, задолжително да ги почитуваат препораките од дерматолозите и да се јавуваат на редовни прегледи, изјави д-р Галина Наќеска, специјалист дерматовенеролог во ЈЗУ Поликлиника Железара.

Дерматолозите потенцираат родителите посебно внимание да обрнуваат за заштита на кожата на нивните деца, зошто горењето на сонце во детска возраст може да им предизвика сериозни здравствени проблеми подоцна во животот.