Од СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип побараа засилено полициско присуство по несреќата во која беа прегазени две средношколки
По немилиот настан кој се случи вчера утрото, кога две средношколки од прва и втора година беа прегазени додека го преминувале пешачкиот премин, од СОУ „Коле Нехтенин“ побараа засилено полициско присуство и поголемо внимание од страна на возачите. Велат дека ќе бараат и засилени мерки во однос на сообраќајната сигнализација, бидејќи и понатаму ова место од булеварот „Гоце Делчев“ останува ризично, особено за учениците.
- Ние апелираме до учениците цело време да внимаваат, бидејќи возачите, навистина, возат со голема брзина, а, секако, како училиште ќе побараме да има позасилено полициско присуство и да се додаде нешто плус на онаа сигнализација којашто веќе постои. Јас уште еднаш ќе апелирам до учениците да внимаваат, бидејќи станува збор за прометно место со многу сообраќај и не се внимава. Тука е влезот на градот, индустрискиот дел“, изјави Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ - Штип.
Пред точно пет години на ова место почина 15-годишно момче, ученик од ова училиште, откако беше прегазен додека поминуваше на пешачкиот премин. Токму поради тоа беа реземени низа мерки, за да се подигне безбедноста на повисоко ниво, но се покажа дека не е така.
- Беа поставени и рампи на тротоарот, се направи кружниот тек, се помести пешачкиот премин, меѓутоа очигледно е дека сѐ уште свеста кај возачите не е на високо ниво, сѐ уште се вози многу бргу и, ете, се случи немил настан, имаме две ученички, од коишто едната е потешко повредена, додаде Шалева.
Втората ученичка се здобила со полесни повреди и двете беа пренесени во штипската Клиничка болница.Трајан Ристовски
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар