Македонија
27. October 2023 - 16:33

Обвинителот Абази нема време за изјава, цела година најавува дека ќе одржел брифинг

Свечената заклетва останува единствената изјава за јавност на обвинителот Ислам Абази. Денеска тој даваше отчет пред членовите на Советот на јавни обвинители, ама одби да застане пред телевизиските камери.. И една година по неговиот избор, ја има истата изјава за новинарите. На брифинг ќе одговорел на прашањата кои се интерес на јавноста.. Истото го стори и денес на излез од советот.

Абази пред советот детално читаше бројки за остварувањата на обвинителите во 2022та. Лани се воделе 50 предмети за корупција со кои се гонеле 140 лица. Единствен функционер  кој во едночасовниот отчет го истакна Абази, беше фунцијата градоначалник, без да открие за кого станува збор. Но, пријавата била отфрлена бидејќи немало елементи за корумпираност на градоначалникот кој бил пријавен.

Најголем дел од пријавите адресирани до обвинителството доаѓале од полицијата, па следувале предметите отворени од обвинителите. На дното на листата се пријави од другите државни органи. Абази им забележа на антикорупционерите дека предвремено информираат за одделни предмети и рече дека прават парада од својата работа.

„За многу од предметите кои тие ги отвараат, ние веќе водиме постапки. Излегуваат со пресови, прават свои паради. Не можеме да се разбереме, не знам како со нив“, изјави Абази.

Се пофали дека откако тој управува со обвинителството кое гони криминал и корупција, се намалил бројот на заостанати предмети, но ниту Абази откри, ниту пак членовите на советот се интересираа како влијаат измените во кривичниот законик кои секојдневно застаруваат судски предмети.