Македонија
8. November 2023 - 16:37

9 деца со потврдена салмонела

Салмонела кај ученици во Карпош ги крена на нозе надлежните инспекторати и здравствени установи. По официјалната потврда дека 9 основци ја имаат оваа заразна болест, денеска училиштата Владо Тасевски, Јан Амос Коменски и Војдан Чернодрински беа под вонреден надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна. Привремено се затворени кујните во трите училишта како и во Димо Хаџи Димов каде нема пријавени случаи, но таму е магацинот на фирмата што ја доставува храната и која според известувањето од општината сами побарале вонреден надзор.  Дали децата ја добиле бактеријата од  мензата или пак друга е причината за труењето ќе се знае најрано во сабота кога треба да бидат готови анализите од земените брисеви од сите работни површини и сите вработени, велат од Карпош.  Родители, пак, чии деца одат во овие училишта добиле известување од директорите дека во понеделник ќе има официјален резултат.

Во ООУ "Војдан Чернодрински" од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек)  , само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ "Јан Амс  Коменски" од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек)  , само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ "Владо Тасевски" има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште. Во петокот во дневното мени имало:  појадок - мекици без јајца  ручек: спанаќ без месо со кисело млеко, стои во одговорот од Карпош.

Додека не се знае официјалната потврда за заразата со салмонела и дали бројот ќе се зголеми, учениците нема да добиваат појадок, ручек и ужинка.

На социјални мрежи и на вибер групи во училиштата родители споделуваат информации дека има деца кои имаат симптоми, кои биле на лекар но се уште не пријавиле во Центарот за јавно здравје. Побаравме одговори од Клиниката за детски болести и од Инфективна но таму немаат пациенти со салмонела од училишна возраст.

Официјален одговор добивме и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кои ни одговорија дека се на терен со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошка состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос.

Во период од 6 до 72 часа по јадење на контаминирана храна доаѓа до појава на симптомите кај лица заразени со салмонела. Болеста трае од 4 до 7 дена а може и подолго.