Расте бројот на заразени деца со салмонела
Расте бројот на ученици од Карпош заразени со салмонела. Уште кај тројца основци од општината е потврдено присуството на бактеријата со што бројката се искачи на 12 деца од 5 училишта. По 4 случаи има во Владо Тасевски и ,,Војдан Чернодрински'', два во ,,Јан Амос Коменски" и по едно дете во ,,Христијан Тодоровски-Карпош" и ,,Димо Хаџи Димов", потврдија од Центарот за јавно здравје за Сител.
За да го утврдат изворот на зараза и да биде спречен преносот, вонреден инспекциски надзор денеска има не само во посочените училишта туку и кај фирмата што ги снабдува училишните кујни и добавувачите од кои ги добива суровините. Тимови од Центарот за јавно здравје, ДСЗИ и Агенцијата за храна од училишните мензи земаат примероци од сите работни површини како и од вработените да утврдат дали труењето е од оброците што децата ги добиваат додека се на училиште.
Од Центарот за јавно здравје велат дека нема хоспитализирано ниту едно дете, а најрано во сабота ќе знаат што е причината за салмонела.
Од Агенцијата за храна најавуваат дека ќе има проверка во сите училишта во Карпош.
„Превентивно, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина, кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта во кои нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела. По завршување на вонредниот надзор и по добивање на резултатите од лабораториските тестирања, јавноста ќе биде известена за резултатите и причинителот“, велат од АХВ.
Уште вчера времено беа затворени кујните во училишта каде е потврдена салмонела, а родители преку вибер-групи добиваат пораки од директорите дека нема да има храна додека не ги добијат резултатите.
Симптомите на труење со салмонела се јавуваат 4 до 72 часа по јадење на контаминирана храна, а лекувањето е од 4 до 7 дена.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
