Салмонела нема ниту во храната, ниту во кујните во училиштата во Карпош
Основците од Карпош кои беа заразени со салмонела не ја добиле бактеријата од училишните кујни каде јадат. Мострите од работни површини и од храна се негативни потврдија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и најавија дека овие простории од денеска повторно ќе бидат отворени.
Во Центарот за јавно здравје имаше пријави за труење на 12 деца од 6 основни училишта што беше и причина за вонредните надзори од надлежните институции.
- во текот на вчерашниот ден беа добиени резултатите од Институтот за јавно здравје Скопје и од Центарот за јавно здравје Скопје, бидејќи мострите храна и брисевите од работни површини беа земени двојно и однесени во лабораториите на двете здравствени установи. Резултатите се негативни. Сметам дека Агенцијата за храна и ветеринарство исто така има голема улога во оваа состојба што се случи, за жал, заразна болест салмонела и тоа кај најранливата категорија на деца. Сметам дека тие во своите надлежности што ги имаат, ќе треба да дадат свое известување, изјави Рената Младеновска, директор на ДЗСИ.
Се огласија и од АХВ од каде велат дека салмонела нема ниту во земените примероци од фирмата што ги снабдува со храна училиштата, а изворот на заразата дополнително ќе се утврдува.
-Лабораториски резултати од испитаната храна која е земена од централниот магацин на операторот со храна “Ванила Фуд” кој се наоѓа во ОУ “Димо Хаџи Димов” се со уреден наод, исто како и мострите од четирите куни во основните училишта каде се приготвува храна. Тие се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, односно, кај нив не е утврдено присуство на бактеријата Салмонела, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Како се затруле децата засега не знае никој. Минатата недела беше вистинска паника кај родителите бидејќи за сомнежите за салмонела иако алармираа уште со првиот потврден случај, подетални контроли надлежните направија ден потоа кога растеше и бројот на заразени.
Симптомите се појавуваат 6 до 72 часа по јадење на контаминирана храна а лекувањето е до една недела а може и подолго.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
