По четири години од првото рочиште, идниот месец завршни зборови за трагедијата кај Ласкарци
Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, влегува во завршница. Обвинителот денеска го допрецизираше обвинението, а идниот месец, заедно со обвинетите ќе имаат завршни зборови.
Роднините на 16та загинати сметаат дека вина за трагедијата имаат сите од обвинителната клупа. Велат, тоа го покажа и прецизираното обвинение.
„Сите вештачења покажаа дека овој автобус бил технички неипсравен и не смеел да се пушти во сообраќај. За жал, ние четири години, еве и петта се навршува, ја чекаме правдата и таа мора да стаса. Тие што се огрешија што 16 луѓе ги загубија животите мора да ја добијат вистината дека тоа не се случи по нивна вина, туку е вина на сите инволвирани во овој процес“, изјави Благојче Трпевски.
Одбраната на сопственикот на компанијата и станицата за технички преглед, прстот го вперува кон возачот на автобусот. Обвинението во кое сите се обвинети за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, го сметаат за преседан.
„Немам видено возачот и сопственикот на станицата за технички преглед или сопственикот на компанијата да бидат обвинети за иста правна квалификација. Сите сме за утврдување на правилната фактичка состојба, но тоа не значи осудителна пресуда за сите обвинети“, изјави Сашко Дуковски, Адвокат на Дурмиш Белули.
Во февруари се навршуваат пет години од несреќата во која загинаа 16, а беа повредни 30-на патници кои патуваа на релацијата Скопје – Гостивар. За трагедијата обвинети се возачот на автобусот, сопственикот на транспортната компанија и вработени во станицата за технички преглед.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
