Македонија
27. November 2023 - 16:57

Власта и опозицијата со различни заклучоци на Анкетната за Онкологија

Венко Филипче, Нино Васев, Нехат Нухи и уште тројца поранешни директори политички да одговараат за скандалот на Онкологија поради непочитување на законите. Ова се дел од заклучоците на пратениците од опозицијата што ги презентираше претседателката на Анкетната Комисија.

Пратениците од власта, пак, кои се дел од ова собраниско тело предложија десетина законски промени и подобрување на системот за набавка на лекови без посочување на имиња како одговорни за аферата во здравството. 

- Доколку ги имавме сите овие членови од закони испочитувано, сега ниту јавното обвинителство, ниту Анкетна немаше да има дилема како влегла терапијата, во колкави количини, како излегувало од депото, кој бил терапиран, вели Рашела Мизрахи, претседател на Анкетна за скандалот на Онкологија.

- Бараме ОЈО под итно да ги расчисти дилемите околу Онкологија, под два, постоеле долгогодишни системски слабости на клиниката во 2021, 2012 и 2008 нотирани и во ревизорски извештај, вели Ненад Коциќ – СДСМ. 

Токму ова разидување во финишот на работењето на Комисијата беше и причина за кавги, викања и препукувања, а од власта бараат и разрешување на Мизрахи.

- Ова е доказ дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за Анкетната комисија била само политизирање на случајот за собирање на политички поени, вели Коциќ

- Да видам прво дали ќе побараат мое разрешување. Дали политиката ќе биде над јавниот интерес. Ова што сега го презентирав не е политика, јас читав закони, вели Мизрахи. 

Чии предлози ќе бидат уважени и ќе бидат оправдување на речиси двомесечното сослушување на министри, директори, експерти, пациенти...Јавноста слушаше сведочење на Беким Сали, Оливер Спасовски, Љубомир Јовевски и многу сегашни и екс функционери во здравствениот систем.