Завршува скринингот, напредокот кон ЕУ зависи од уставните измени
По нешто повеќе од една година, завршува процесот за проверка на македонските закони и нивно услогласување со европското законодавство. Според вицепремиерот за евроинтеграции, до крајот на годината, земјава ќе го заокружи скринингот кој е неопходен услов во процесот на пристапување кон Европската унија. Единствен услов да се продолжи на патот кон ЕУ, Маричиќ вели, е усвојување на уставните измени.
Но, засега, процесот бил блокиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Никој од Нас нема да бара ништо повеќе од она што е напишано, ниту нешто ново. Меѓутоа, треба да размислиме дали навистина вреди за додавање на неколку заедници во преамбулата на Уставот, меѓу кои и бугарската, вреди да се блокира сопствената држава на неопределено време. Бидејќи, изјавите и изгледите на она што го кажува ВМРО-ДПМНЕ дека ниту пред, ниту по изборите имаат намера да гласаат и затоа мислам дека, но и пред и по изборите, тие ќе останат опозиција и затоа вреди да се продолжи да се разговара и до изборите и по изборите за како да дојдеме до двотретинско мнозинство. Тоа е одговорност на секој пратеник, на сите партии“, вели Бојан Маричиќ, Вицепремиер за евроинтеграции.
На претстојниот ЕУ самит, според Маричиќ, ќе се укаже дека државата треба да вложи повеќе труд за подобрување на состојбите во правосудството и борбата со корупцијата за кои имаше и најголеми забелешки во извештајот за напредок на земјата.. Вели, освен пофални зборови за завршениот скрининг процес, без промена на уставот, не може да се очекува ништо друго.
„Ние како држава сме добиле преговарачка рамка усвоена од сите 27 држави членки која не обврзува со скрининг и не обврзува со уставни измени и сме ја прифатиле таа преговарачка рамкам, бидејќи, поинаква не сме ни добиле на маса, не ни била ниту понудена. Илузија е да се тврди на нашиоте граѓани дека може да се испреговара поинаква, подобра рамка. Тоа можеби е нечија идеја која доколку влеземе во таков процес, сигурен сум дека уште години и години ќе се вртиме во круг и уште толку време ќе разговараме за прашања кои денес ни се веќе утврдени и веќе дадени“, вели Маричиќ.
Седницата за донесување на уставните измени се одржа во август, но по говорот на пратениците, спикерот Џафери ја прекина, а гласање најави кога ќе имало услови за тоа.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, стојат на ставот дека не прифаќаат менување на уставот, под, како што велат, бугарски диктат.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
