Македонија
9. April 2024 - 16:42

Со милионски долгови македонски Железници прослави 151 година постоење

Со оро и спот со музика како од трилер филм, Македонски железници прослави 151 година од своето постоење. На денешен ден, во далечната 1873 година, во Велес пристигнал првиот воз од Солун, но и до ден денес нема патнички воз до оваа дестинација.

Возови нема ниту за внатре во државата. Од пред две недели, од двата патнички воза за Гевгелија вози само еден. Од 2021-ва не сообраќаат возовите од Скопје за Кочани и за Кичево, а од почетокот на 2023 ниту возот за Табановце и Куманово.

Патниците го избегнуваат возот оти кога се качуваат не се знае кога и дали ќе стигнат. Честопати има дефекти и доцнење од по неколку часа, па граѓаните не сакаат да ризикуваат.

Сепак, според говорот на директорот Трифуновски, превозот е брз.

Железницата низ историјата одиграла клучна улога во формирањето, градењето и развојот на македонската држава. Таа овозможува брз и ефикасен превоз на луѓе и стоки кои исто така ја поврзува нашата зема и овозможува развој на регионот“ - Зоран Трифуновски, Директор на ЈП за железничка инфраструктура

Трифуновски кажа дека се вложува во инвестирање, ама не одговори на новинарските прашања и не кажа кога последно се качил во воз.

Главниот фокус на нашето претпријатие се инвестициите, бидејќи тие се влогот за подобра иднина. Со задоволство морам да кажам дека инвестираме во изградба на модерна железничка мрежа“ - Зоран Трифуновски, Директор на ЈП за железничка инфраструктура

Ова јавно претпријатие е загубар кој со години се соочува со финансиски потешкотии и постојано добива прилив од буџетот за да може да подели плати и да плати сметки.