Македонија
10. April 2024 - 16:32

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

По едномесечниот строг пост, без храна и пијалоци од зора до зајдисонце, Муслиманите денеска го слават Рамазан Бајрам.

Овој празник се смета за еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и за телесно прочистување.

Во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.Честитка упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи, кој порача да престанат сите конфликти во светот и да владее мир насекаде, оти како што рече, само во мир човештвото може да оди напред.

Има морален и духовен пад. Се потценува достоинството на човекот, на семејството. Се отуѓува човекот од човекот. Се забораваат родителите, браќата, соседите. Потоа, тука се многу војни, убиства, крвопролевања, уништувања, геноциди и многу други пореметувања кои го загрозуваат битието на младите и човештвото воопшто“ – Шаќир Фетаи, поглавар на ИВЗ

Старата скопска чаршија точно напладне беше потполно празна. Го немаше вообичаениот метеж и мирисот на турскиот чај, па тишина повремено беше прекината од звукот на птиците.

Во меѓувреме, жителите на Газа даваат се од себе за да го прослават празникот и се обидуваат да ја задржат насмевката и покрај војната која беснее веќе половина година.

Се молеа пред урнатините на џамијата Ал Фарук во Рафах. Верниците ги посетија и гробиштата, а еден од нив беше и Мохамед Ал Мадхун кој во војната ја загубил цела фамилија.

Oва е прв Бајрам без мојата сопруга и децата кои беа убиени за време на оваа војна. Тие беа маченици на 21 ноември 2023 година. Окупацијата ме одвои од нив. Овој Бајрам без нив е ништо. Мојата куќа беше погодена и сега е урнатина. Живеам во училиште за раселени. Ова е нашата реалност сега. Немам куќа, немам сопруга, немам ќерки. Фала му на Бога за сè“ - Мохамед Ал Мадхун

Илјадници Палестинци се помолија и во џамијата Ал Акса во Ерусалим, која важи за едно од најсветите места во исламот.

Со сите настани во Газа, Палестина и муслиманскиот свет немаме Бајрам. Фала му на Бога, присуството на луѓето на молитва ги радува нашите срца и погледот на преполната џамијата Ал Акса е она што не прави среќни“ – Абу Саид Ал-Макдаси

Празникот масовно се одбележа и во соседна Албанија. Снимка од дрон покажува како верници се молат во долги редици на централниот плоштад Скендербег во Тирана, главниот плоштад во градот.

Рамазан бајрам се слави три дена. Честитка по повод празникот испратија државниот врв, лидерите на политичките партии и градоначалниците.