Македонија
20. May 2024 - 16:37

Владата не дава 100 евра по жител, пораките се лажни!

Лажни СМС пораки, во име на Владата утринава добиле стотици граѓани. Во пораката се вели дека  имате право на додаток од  6,150 денари, и преку линк идентичен на веб страната на Владата, креаторите се обидуваат да дојдат до податоци од платежните картички. Од Владата апелираат – се работи за лажен линк со цел да им ги испразнат  парите од картичките на граѓаните.

Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци. Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот, се вели во соопштениото од Влада.

Ако граѓаните веќе добиле ваквата порака, треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат на дадените линкови, појаснуваат од Влада.  Доколку пак ги дале податоците  екпертите за сајбер безбдност советуваат – веднаш да ги блокираат картичките. Според првичните сознанија – велат дека се работи за добро организирана група.

Искористени се логото, боите, фонтот слични како на веб страната на Владата. Значи се работи за добро направена копија, и ова е таргетиран напад. Од она што можеме да го видиме е дека доаѓа од адреса хостирана од Холандија, изјави Филип Симеонов, сопственик на компанија за сајбер безбедност.

Во минатото веќе имаше вакви хакерски напади кон неколку владини инстититуци. Затоа Симеонов апелира владата да донесе закон  кој ќе забрани да се  регистрираат домејни со исто или слично име.

Инаку од МВР велат дека случајот е пријавен и службите веќе работат на откривање на сторителите. Истовремено апелираат граѓаните во никој случај да не даваат свои лични  податоци  и податоци од своите картички.