15.000 жалби за превисоки сметки за струја: За в четврток најавен протест на жителите на Сингелиќ и Арачиново
Голем број граѓани незадоволни од сметките за струја.
Во периодот декември/јануари 15.000 граѓани барале корекција на отчитаните броила. 2.200, или 15% од барањата, според ЕВН, се основани и веќе е извршена корекција, но кај останатите 12.800 сметките биле реални.
Според компанијата, годинава имало околу 20% помалку поплаки од лани на пример.
345 граѓани се обратиле и до Регулаторната комисија за енергетика во месец февруари. РКЕ како второстепена институција за вакви жалби се уште ги разгледува сите барања од граѓаните.
Но, како оди постапката за да пријавите доколку сте незадоволни со добиените сметки за струја?
За тоа постојат три начини. Првиот е со пополнување на формулар во приемна канцеларија во ЕВН.
Вториот е преку електронска пошта или преку јавување на телефонскиот број на компанијата.
-За да се изврши корекција на фактура, потребно е да се достават податоци за број на корисник, број на броило и состојби од мерниот уред за 1.8.1-висока и 1.8.2-ниска тарифа. Доколку при разгледување на приговорот се утврди дека причина за оспорување на фактурата е погрешно изготвена пресметка, во рок од 8 дена од денот на приемот на приговорот ќе се изготви нова пресметка (фактура) иснабдувачот ќе му ја достави на потрошувачот, со определување на рок за плаќање кој не може да биде покус од 20 дена од денот на приемот на новата пресметка (фактура), вели портпаролката на ЕВН, Вјоса Селими.
Доколку граѓанинот е незадоволен од одговорот од ЕВН, тогаш треба до РКЕ преку електронска пошта да ги приложи документите од постапката со ЕВН. Доколку РКЕ донесе одлука во полза на граѓанинот, тогаш ЕВН е обврзан да ја коригира сметката, но тоа најчесто се прави со порамнување во следните фактури.
ЕВН, инаку, е должен броилата да ги чита на секои три месеци. Оттаму велат дека месечно се читаат околу 85% од сите броила во државата. Останатите главно се непристапни броила и главно во руралните средини. Според податоците од компанијата, само околу 3% од броилата остануваат неотчитани на годишно ниво, но како што велат, само во случај на повеќе неуспешни обиди и целосно непристапни објекти.
Високите сметки, за кои граѓаните се жалат во изминатите три месеци сега може да ги извади и на улица. На социјалните мрежи веќе се организираат протести за в четврток и тоа од жителите на скопски Сингелиќ и Арачиново кои сметаат дека добиле сметки многу повисоки од тоа што навистина потрошиле.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар