Преглед на вестите од светот
Трамп во посета на Саудиска Арабија
Американскиот претседател Доналд Трамп отпатува за Саудиска Арабија, првата станица од неговата турнеја на Блискиот Исток. Ова е прво патување на Трамп во регионот откако се врати на власт во јануари. Се очекува тој да ги посети и Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Трамп изјави дека до крајот на неделата е можна негова средба со неговиот кинески колега Си Џинпинг. Тој изјавата ја даде откако беше постигнат напредок во преговорите меѓу двете најголеми економии во светот за прашањето за склучување нов трговски договор – што во моментов е тема на нивно меѓусебно надмудрување и ривалство. Разговорите за време на викендот во Женева доведоа до „ресетирање“ на односите меѓу САД и Кина, објави американскиот претседател. Трамп изрази оптимизам дека во следните 90 дена ќе се постигне договорот и дека царините за кинески увоз нема повторно да се зголемат на 145 отсто по истекот на тој период.
Хамас ослободи еден заложник
Хамас објави дека го ослободил израелско-американскиот државјанин кој беше држен како заложник во Појасот Газа. Хамас го предаде лицето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, и тој веќе патува за Израел, јавија британските медиуми, повикувајќи се на официјален извор.
Воедно тие изразија подготвеност да учествуваат во преговорите за постигнување сеопфатен и одржлив прекин на огнот. Палестинското движење ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи со напорите за ставање крај на војната во Појасот Газа.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху додаде дека Израел денеска ќе испрати делегација во Катар за да преговара за ослободување на преостанатите заложници во Газа.
Ослободувањето на заложникот кој 19 месеци мина во заложништво предизвика радост во Израел. Неговото ослободување, по четиристраните разговори меѓу Хамас, САД, Египет и Катар, би можело да го отвори патот за ослободување на преостанатите 58 заложници кои се држат во Појасот Газа, од кои се верува дека се живи само 20.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар