Македонија
23. May 2025 - 16:43

Бислимовски: Одлуката на Уставниот суд може да доведе до поскапување на парното

Одлуката на Уставен да го олесни исклучувањето од системот за парно греење ќе значи намалување на бројот на поторшувачи што може да доведе до зголемување на цената за топлинската енергија, смета првиот човек на Регулаторна. Според него, тоа што повеќе домаќинства ќе се греат на струја, особено ќе го оптовари дистрибутивниот систем.

„Она од што особено се плашам е доколку тие потрошувачи кои би се исклучиле и би започнале да се греат на електрична енергија ќе го оптоварат особено дистрибутивниот систем на градот Скопје. Дистрибутивниот систем на Градот Скопје е проектиран со трафостаници и мрежа со послаб капацитет таму каде што има организиран систем за топлинска енергија“ – изјави Марко Бислимовски, претседател на регулаторна комисија за енергетика.

Уставен укина дел од правилата за исклучување оти смета дека е незаконски граѓаните кои сакаат да се исклучат да мораат да добијат писмена согласност од мнозинството соседи, да прават проект за ново греење кое ќе биде поеколошко од централното и да го достават на одобрување до снабдувачот. Според судот, ваквите услови се премногу строги и наметнуваат прекуменерен товар врз граѓаните.

Новини ќе има и на сметките за струја. РКЕ ќе бара во фактурите да е јасно наведено дали пресметката е резултат на отчитани или предвидени податоци, но и упатство за корисниците како сами да си прочитаат колку потрошиле. За да нема повеќе паушални сметки и броилата да се читаат секој месец, електродистрибуција ќе треба да вложи околу 10 милиони евра во кадар и опрема.

„Наместо тие 10 милиони евра кои ги кажа ЕВН да се потрошат за да може еднаш месечно да се отчитува, тие пари да се искористат дополнително покрај планираните средства кои ги има ЕВН за набавка на броила да се искористат за набавка на паметни броила коишто ќе овозможат апсолутно да се регистрира состојбата само за тековниот месец“ – додаде Марко Бислимовски, претседател на регулаторна комисија за енергетика.

Инаку, носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности од 29 мај до 30 јуни ќе мораат да поднесат барање до РКЕ за да ја променат својата лиценца. Оваа обврска произлегува од новиот закон за енергетика. Ако не го сторат тоа, лиценците ќе им бидат неважечки.