Договорците во здравството година и половина чекаат решенија – од Здравство тврдат дека постапката е во тек
Промена на власт и министри, избори и административни лавиринти ги кочат вработувањата на околу 1100 лица ангажирани со договор на дело во здравството. Станува збор за дефицитарен кадар сестри, болничари, техничар од кои потреба имаат речиси сите Јавни здравствени установи. Првото ветување дека ќе им биде решен статусот го имаа пред година и половина од претходната, а според најавите од актуелната Влада и сега веќе екс министерот Арбен Таравари до 1 април требаше да добијат решенија, но два месеци нема ништо.
Во меѓувреме голем дел од договорците не добивале ниту пари бидејќи не им биле продолжени договорите зошто менаџерите чекале зелено светло за да распишат огласи за вработување. Незадоволство има во сите болници и клиники, а од тетовската клиничка излегоа и на протест за решавање на статусот и исплата на плата за одработените месеци. Министерката за финансии вели дека кај нив процедурата била завршена.
- Се случува да има барање, меѓутоа да не е потполно, да не е предвидено работното место со систематизација или пак да не е планирано во годината, при тоа ако има грешки се чека на корекција и поминува подолго време додека се врши промена во систематизацијата, посолувајќи примери од култура и образование. Во конкретниот случај со тетовската болница, одговорено е навреме и одговорено е позитивно, пред тие да почнат, да кажеме да реагираат. А, каде застанало се, истиот пат се враќаме назад до Фондот за здравство, па фондот за здравство до Министерството, по министерството до болницата во Тетово. Каде застанало во движењето, треба да одговорат од Фондот за здравство или Министерството за здравство, рече Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии
Од кабинетот на заменик министерот за здравство велат дека постапката за вработување на договорците е во тек, вклучително и во Клиничката болница во Тетово.
- Постапката за вработување на 1170 лица кои беа со договор на дело е започната во 57 Јавни здравствени установи, додека за другите ЈЗУ во тек е постапката согласно законските процедури со цел обезбедување финансиска согласност, одговорија од здравство.
Но, останува неизвесно кога ангажираните со договор на дело ќе добијат решенија бидејќи во октомври има локални избори, а неколку месеци претходно согласно законот не се дозволени нови вработувања.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар