Балкан
4. јуни 2025 - 20:27

Јадар во Србија меѓу 13 стратешки проекти на ЕУ со критични минерали

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, оцени дека е одлична вест за Србија што Европската комисија го вклучи проектот Јадар на листата од 13 стратешки проекти со критични суровини надвор од ЕУ.

„Не е вистина дека Србија е европска колонија за рударење бидејќи стандардите на ЕУ сега мора да се применат на проектот Јадар, а тоа ќе значи дека имаме стратешка суровина што ќе обезбеди до 20.000 нови работни места на начин што не ја загрозува нашата животна средина, нашите води, нашата земја, нашиот воздух“, изјави таа за новинарите во Брисел.

Таа додаде дека Србија нема да извезува литиум, туку ќе го користи за подобрување на животниот стандард во Србија.

„Ќе го користиме нашиот литиум за богатството на нашите луѓе“, додаде таа, пренесоа српските медиуми.

Европската комисија одлучи да го вклучи проектот Јадар во 13 нови стратешки проекти поврзани со критични суровини. Toа значи дека ЕУ, доколку државата Србија одлучи да го спроведе проектот, ќе му даде посебни привилегии на tој проект, вклучително и помош за неговото финансирање.

Вклучувањето на листата на стратешки проекти не значи дека државата Србија е обврзана да го спроведе проектот, а властите во Белград ќе ја донесат конечната одлука дали литиум ќе се ископува во областа Јадар или не. Сепак, фактот дека проектот Јадар воопшто беше на листата на ЕУ укажува дека земјата претходно дала зелено светло на ЕК, иако проектот се уште не е формално прифатен во Србија.

Европската комисија објави 13 нови проекти со критични суровини надвор од блокот за да ги зголеми своите залихи на метали и минерали неопходни за да остане конкурентна во енергетската транзиција, одбраната и воздухопловството. Меѓу нив е и Јадар, проект за производство на литиум во западна Србија на меѓународната рударска компанија Рио Тинто.

Овие стратешки проекти треба да ги диверзифицираат изворите на снабдување на ЕУ и да ја зголемат економската безбедност, како и да го поттикнат создавањето локална вредност во трети земји, објави Европската комисија. Објавата дојде по одлуката на Кина во април да воведе ограничувања за извоз на минерали од ретки земји додека не се добијат нови лиценци.

Од 2020 година, властите во Србија ги интензивираат напорите за започнување на проектот Рио Тинто. Во февруари 2020 година, Владата донесе Уредба за потврдување на просторниот план на подрачјето со посебна намена за спроведување на проектот за експлоатација и преработка на јадарит, која беше укината по масовните протести во декември 2021 година.

Дури лани ЕУ беше ставена во центарот на јавната дискусија за рударството на литиум во Србија. Меморандумот за разбирање, потпишан од српските власти со потпретседателот на ЕК, Марош Шевчович, го започна Стратешкото партнерство за одржливи суровини, вредносни синџири на батерии и електрични возила, што даде зелено светло за денешната одлука на ЕК.

Минатото лето во Србија се одржаа масовни протести против рударење литиум.

Во октомври лани, членовите на опозициските партии во Народното собрание предложија Предлог за измени на Законот за рударство и геолошки истражувања, со кој опозицијата побара забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор. Предлогот не беше прифатен, бидејќи членовите на владејачкото мнозинство беа против него.

Иако рударството на литиум не беше доминантна тема во последните месеци, нема знаци дека јавното противење на проектот се намалило.