Македонија
6. јуни 2025 - 17:00

Дали има лекарска негрижа во случајот со починатото 3–годишно дете од Кавадарци?

Стручна комисија ќе утврдува дали има пропуст во третманот на тригодишното дете во болницата во Кавадарци кое почина во вторникот наутро на пат кон скопските клиники. ДСЗИ го заврши вонредниот инспекциски надзор во трите здравствени установи каде било носено детето и не биле констатирани недостатоци, но бидејќи немаат надлежности во стручниот дел ќе поднесат иницијатива до министерот за здравство да формира комисија која треба да испита дали има лекарска не грижа.

- Детето било со неколку коморбидитети поради што во повеќе наврати е лекувано во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и ЈЗУ УК за детски болести Скопје. На 03.06.2025год. во 05.00часот, детето било донесено во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци од страна на неговите родители,прегледано од дежурен доктор, специјалист по детски болести, кој врз основа на прегледот и испитаните параметри, проценил дека нема потреба од хоспитализација. На инсистирање на родителите бил издаден упат за ЈЗУ УК за детски болести Скопје каде детето било однесено со сопствен превоз во раните утрински часови околу 08.00 часот дирекно на оддел за кардиологија, без знаци на живот, стои во извештајот од ДСЗИ.

Таткото на починатото дете реагира дека неговиот син многу доцна бил однесен на детската клиника. Како што тврди во влошена состојба и омалаксано уште во 3 часот го однеле во болницата во Кавадарци. Иако инсистирал да го пратат веднаш со Брза помош за Скопје дежурната докторка по прегледот констатирала дека детето било добро и можеле да го носат со приватно возило.

- И викам докторке ве молам дајте ми упат за Скопје детето не ми е добро, и викам немам превоз дајте ми вбарем Брза помош да го однесе детето, ми вика господине дали ме разбирате го прегледав детето е добро не можам да ви дадам јас Брза помош, треба да има оправданост за тоа, носете го со приватно возило... вели во телефонски разговор за Сител Тони Стојанов, татко на починаттото тригодишно дете од Кавадарци.

Потоа таткото замолил пријател со неговото возило да го однесат детето во Скопје, но како што тврди повеќе од два часа изгубиле во чекање. Кога тргнале во 6.30 кај Велес состојбата на детенцето драстично се влошила. И покрај реанимацијата на детската клиника лекарите не успеале да го вратат во живот.

Од Болницата во Кавадарци информираа дека и тие го испитуваат случајот. Формирале комисија од тројца лекари кои треба да утврдат дали има одговорност на здравствените работници кои учествувале во лекувањето на пациентот.

Семејството најави дека правдата ќе ја бараат и на суд.