Штипска физикална со недостаток на кадар и пристојни услови за работа
Со недостаток на кадар, во зграда стара 50-тина години, функционира Физикалната терапија, најфреквентното одделение на штипска Клиничка болница. Само во текот на минатата година, на ова одделение се лекувале 4500 пациенти од источниот регион, но и од останатите делови од државата. За да се овозможи квалитетна здравствена услуга потребни се лекари, помошен медицински кадар и хигиеничари.
- За нормално функционирање на одделението од ваков обем, потребни се најмалку уште тројца физијатри и технички персонал, изјави Никола Костадинов, раководител на Физикална терапија, КБ-Штип.
Пациентите велат дека персоналот прави дополнителни напори да им излезе во пресрет, но се и самокритични за однесувањето на поединци, кои го уништуваат и она што е направено.
- Ау, не! Знаете ли какви луѓе доаѓаат? Еве пример во долната бања сменија, направија нешто. Но, се се испокрши, врати, брави..многу лош народ сме, изјави Миле Врасалски, пациент од Берово.
За да се намалат гужвите и чекањето набавени се нови апарати.
- Направивме сериозни промени со воведување на кабинската работа, ги намаливме гужвите. Значи сега секој пациент си има свој термин, брзо се услужуват и процесот на рехабилитација е побрз и поблагодарен. Во однос на инфраструктурните решенија во наредниот период ќе имаме реконструкција на соблекувалните и се надеваме дека со доизградба на Клиичка болница- Штип, ќе почнеме и со посериозни инфраструктурни зафати и на нашето одделение, додаде Костадинов.
Медицинскиот персонал од штипска физикална активно е вклучен и во процесот на рехабилитација на повредените во кочанската дискотека.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар