Македонија
14. јуни 2025 - 16:38

Мицкоски не сака да ја коментира истрагата за Кочани - СДСМ ќе добие одговор на изборите

Премиерот одбива да ја коментира истрагата за Кочани, а обвинувањата од СДСМ ги нарече политика која не носи поени кај граѓаните. 

СДСМ и вчера и денеска констатираше дека поради нивниот притисок обвинителството ја проширило истрагата. Обвини дека исчезнувале докази и побара политичка и кривична одговорност 

“Кривична одговорност од Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, кој ги поставил, им давал наредби. За да не влијае на истрагата и расчистување на случајот треба да си понесе оставка.
Истото важи и за Панче Тошковски кој ја штитеше неговата структура во полицијата и тврдеше дека нема вина.

Христијан Мицкоски пак ја злоупотребуваше трагедијата за политички напади, свесно лажеше, ги манипулираше родителите, јавноста, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитувани.“ – се вели во соопштението на СДСМ

Во ДУИ пак реагираат што меѓу обвинетите се нивните поранешни министри за економија Бектеши и Сарачини и се жалат на политички прогон. 

„Оваа селективна правда и јасно политички мотивирана акција претставува уште еден доказ дека обвинителството не само што ја изгубило својата независност, туку станало инструмент за политички прогон и изборен инженеринг. Целта е јасна: директно влијание врз локалните избори и замолчување на критичките медиуми преку таргетирање на истакнати и гласни личности од албанската заедница. Обвинителството целосно ја изгуби својата веродостојност со тоа што ги штити функционерите на владата, а истовремено соработува со неформални центри на моќ за да конструира случаи против поранешни министри и политички неистомисленици.“ – се вели во соопштението на ДУИ

Обвинителството вчера поднесе обвинение за 34 лица за пожарот во дискотеката Пулс. Претходно неделава приведе 13 нови осомничени полициски службеници кои биле на должност во моментот на избивањето на пожарот.