ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ – Најавува формирање на „Коалиција за зелена иднина“
ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ. За органите на партијата кои донеле ваква одлука напуштањето е принципиелен исчекор кон заштита на интегритетот на ДОМ. Според соопштението кое го објавија велат дека потребна им била нова насока на самостојно дејствување.
- ДОМ коалициите ги разбира како алатка за остварување на заедничките вредносни цели, но кога тие се губат, доаѓа моментот за нова насока. Оваа одлука е донесена со целосна почит кон соработката од минатото, но како политичка партија која се стреми кон инклузивност, доследност и отвореност, ДОМ верува дека дојде време за нова, самостојна и одлучна насока.
Најавуваат формирање на „Коалиција за зелена иднина“, отворена платформа за идеи и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните. На следните локални избори ќе одат самостојно без како што велат партнери од традиционалниот политички спектар.
Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите САМО за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика.
За досегашниот партнер СДСМ, ваквата одлука на ДОМ ќе се покаже како погрешна.
- Секоја партија носи одлуки врз база на сопствени проценки иако сметаме дека одлуката на ДОМ ќе се покаже погрешна за самата партија. Во време кога државата се соочува со сериозна криза – економска, еколошка и демократска –сплотеноста на прогресивните сили, особено на локално ниво каде што се решаваат конкретни прашања од секојдневниот живот на граѓаните треба да биде приоритет, велат од СДСМ.
Од Бихаќка за Сител велат дека традиционалната коалиција предводена од СДСМ продолжува со соработка. Без да откријат детали велат дека течеле разговори и за потенцијално нови коалициски партнери.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар