Туфегџиќ: Зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка?
По денешната ослободителна пресуда за обвинетиот Александар Ѓорчевски, неговиот бранител, адвокат Владимир Туфегџиќ јавно ја критикуваше истрагата, велејќи дека институциите не одговориле на суштинските прашања поврзани со случајот, киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска.
- Денеска судот донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука е по своја суштина празна затоа што не ги добивме одговорите на клучните прашања, зошто е киднапирано и убиено ова дете, зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ, изјави Туфегџиќ по објавата на пресудата.
Тој посочи дека јавноста има право да знае дали вмешувањето на Ѓорчевски било обид за дефокусирање од она што требали да биде предмет на истрагата, односно зошто институциите и одговорните лица не спречиле ниту предвиделе сериозен криминален план за киднапирање на луѓе кој обвинетите го правеле уште од 2022 година, согласно изјавата на обвинетиот Велибор Манев.
-Мислам дека е ред и Јавното обвинителство и началникот за сериозен криминал Дејан Димовски, и Музафер Кариќиќ, и сите лица кои учествуваа во истрагата против Александар да дадат одговор. Вклучително и Службата за државна безбедност – зошто овие лица не беа детектирани навреме? Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор, за да бидеме сигурни дека утре вакво нешто нема да му се случи на некој друг родител кој, не дај боже, ќе изгуби дете и ќе заврши во притвор, потенцира адвокатот.
Туфегџиќ истакна дека неговиот клиент во моментов не размислува за поднесување кривични пријави, но додаде дека останува простор за правна анализа на целата постапка.
Тој го опиша Јавното обвинителство како „потполно конфузно“, особено по денешниот предлог за куќен притвор по ослободителната пресуда за Ѓорчевски, нешто што, како што рече, законот не го дозволува.
Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.
Судот одлучи мерката притвор спрема обвинетите осудени за доживотен затвор да се продолжи до правосилноста на пресудата, додека, по однос на Ѓорчевски се укинува мерката куќен притвор бидејќи е ослободен од обвинение.
Во обвинението за двојното убиство стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Ново на Сител
-
Зеленски и Трамп разговараа за потенцијално заедничко производство на беспилотни летала
-
Прекин во снабдувањето со електрична енергија во дел од централното подрачје на Скопје
-
Путин не може да биде среќен од резултатите од Самитот во Хаг, смета Руте
-
Роналдо му се заблагодари на Пиоли по заминувањето од Ал-Наср
-
Виолетовата медуза повторно присутна во делови на Грција
-
Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана
-
Измени на Законот за воздухопловство, предлог да се зголеми на шест години финансиската поддршка за нови авиолинии
-
Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански „Пулс “