Македонија
28. јуни 2025 - 16:32

М. Брод останува една од најеколошките општини - повторно целосно возобновена пречистителната станица

По пауза од 10 години М. Брод повторно 100% ги возобнови капацитетите на пречистителната станица која е изградена уште во 2000-та година. Таа досега работеше со само 40-тина % од својот капацитет поради застарените делови. 

„Основната цел е заштита на животната средина, заштита на прекрасната река Треска, така да целокупната фекална канализација од градот се прочистува и прочистена како техничка вода се влива во реката Треска. Со зачувување на чистината на реката Треска земјоделските посеви можат  да се наводнуваат со незагадена вода, а исто така тоа е во полза и на руралниот туризам, кој несомнено и со натчовечки напори сакаме да се развие во нашата општина. Така да можеме да кажеме дека од Македонски Брод до езерото Козјак веќе реката Треска е целосно прочистена од фекални канализации“, истакна Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Водата во оваа станица се чисти по природен пат, без хемикалии, а талогот кој се одлага се користи како ѓубриво во земјоделството.

„Природно ѓубриво и веднаш го земаат од овде и го користат во бавчите за пченки, компир, значи не се фрла ништо. Строго по природен пат, без никакви хемикалии, само со микроогранизми кои го преработуваат со помош на кислород, друго ништо нема, сѐ е по природен пат“, рече Цветислав Стојкоски, пречистителна станица.

Во Македонија само 10-тина градови имаат за жал пречистителни станици, а проблем е скапиот начин на нивно одржување и електричната енергија која ја користат. Токму затоа 40-тина проценти оваа станица енергијата ја користи од сопствени фотопанели.

„Електричната енергија е доста скапа, одржувањето е исто така доста скапо, но се трудиме колку можеме да ги зачуваме тие бенефити кои ги имаме. 

Од фотоволтаичните панели колку проценти од потребната енергија добивате?

Голем дел од станицата кога функционира во текот на денот, затоа што нема за складирање, така да едно 50%“, додаде Валентин Павлоски, в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ во М. Брод.

Капацитетот на пречистителната станица е за 10 до 15.000 жители.