Зголемен интерес кај струмичките земјоделци за владините мерки за поддршка
Расте интересот за владините мерки за поддршка на земјоделството кај струмичките земјоделци. Од подрачната единица на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека годинава се поднесени двојно повеќе апликации во споредба со минатата година.
Во тек се неколку јавни повици кои овозможуваат финансиска поддршка за модернизација на земјоделските стопанства, а најголем интерес има за набавка на нови трактори и приклучна механизација.
Од Министерството истакнуваат дека постапката за аплицирање е значително олеснета, а потребната документација може да се обезбеди за два до три дена. Дополнително, за сите нејаснотии, земјоделците имаат можност да добијат поддршка и совети како од службениците во министерството, така и од советниците во агенцијата за поддршка и развој на земјоделството.
Покрај инвестиционите мерки, во тек е и поднесувањето на барањата за директни плаќања, за кои рокот е продолжен до 15 август. Според досегашните податоци, бројот на апликации во овој дел изминатите неколку години се движи од 5.000 до 5.500 годишно.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар