Преглед на вестите од светот
Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп го имаа шестиот телефонски разговор од јануари кога Трамп се врати на власт и разговорот траел еден час, соопшти советникот на Путин, Јуриј Ушаков, пренесе ТАСС. Според Ушаков, двајцата претседатели не разговарале за можноста за лична средба. Путин, исто така, му честитал на Трамп за Денот на независноста на САД, истакнувајќи го рускиот придонес за американската независност, особено за време на Војната за независиност пред 250 години и Граѓанската војна пред 160 години.
Ушаков нагласи дека двете земји имаат подлабоки историски врски, вклучително и сојузништво за време на Првата и Втората светска војна. Разговорот опфатил теми како Украина, Иран и Израел. Во врска со Украина, Путин му рекол на Трамп дека нема да отстапи од своите цели, но останува отворен за решавање на конфликтот преку преговори. Трамп го покренал прашањето за брзо запирање на војната, додека Путин истакнал дека Русија е подготвена за преговори, но Украина да отстапи четири делумно окупирани области, покрај анектираниот Крим, и да се откаже од амбициите за членство во НАТО. Киев, пак, смета дека овие услови се неприфатливи.
Жителите на Киев утрово се засолнуваа во подземна метро станица по силните експлозии кои го погодија главниот град на Украина. Повредени се најмалку 14 лица и оштетена е желзеничка инфраструктура. Алармите за воздушен напад беа активни околу осум часа, додека по руски напад врз градот Полтава во централна Украина загинаа две лица, а најмалку 47 лица беа повредени. Војската пријави пожари во зградата за воена регрутација и во блиската станбена зграда. Украинските претставници, вклучувајќи го и претседателот Володимир Зеленски, ја истакнаа итноста на помошта за воздушна одбрана од сојузниците за одбрана од вакви напади.
Стотици пожарникари се борат со пожарот на островот Крит. Изгореа делови од шума и маслинови насади и евакуирани се над 1.000 луѓе, соопштија официјални лица, нагласувајќи ја ранливоста на регионот на деструктивни пожари. Силните ветрови помагаат пожарот да се шири, а тој стигна до куќи и хотели, соопштија противпожарната служба. Засега нема пријави за повредени лица. Нов пожар избувна во атинското предградие Пикерми, заканувајќи се на многу домови и предизвикувајќи евакуација на три населби, а повеќе од 100 пожарникари се борат да го изгаснат. Главната авенија што го поврзува предградието со Атина беше затворена за сообраќај. Властите соопштија дека има висок ризик од пожари и во петок и за денеска.
Околу 50.000 луѓе беа привремено евакуирани поради пожари, кои беа поттикнати од високи температури, ниска влажност и силни ветрови во околината на егејското одморалиште Чешме во Турција. Од безбедносни причини властите затворија некои патишта. Пожари има и во туристичка област Анталија и во близина на градот Истанбул.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар