Loading Video...
Свет
6. July 2025 - 16:28

Преглед на вестите од светот

Најмалку 50 лица, меѓу кои 15 деца, загинаа во катастрофалните поплави што го зафатија централен Тексас. Десетици сè уште се водат како исчезнати. Спасувачките екипи работат без пауза во потрага по преживеани, а властите предупредуваат дека бројот на жртви може да расте.

Особено загрижува исчезнувањето на 27 девојчиња од летен камп. Во округот Кер, реката Гвадалупе драматично се излеала, со ниво на водата зголемено од 2 на 9 метри за само три часа.

„Катастрофа, катастрофа, беше ужасно. Сум поминала многу, но никогаш во животот не сум видела нешто слично. Доста е лошо. Целиот град е срушен“ - изјави Андреа Херцлер, жителка на округот Кер.

Локалните жители изразија разочараност од недостатокот на навремени предупредувања и лошата координација за евакуација.

Илон Маск објави дека почнува нова политичка партија, неколку недели по судирот со Доналд Трамп. Маск рече дека неговата Американска партија ќе го предизвика двопартискиот систем на Демократите и Републиканците. Засега е нејасно кој ќе ја води партијата.

Маск нема право да се кандидира за претседател бидејќи не е роден во САД. Маск до неодамна беше клучен поддржувач на Трамп и потроши 250 милиони долари за неговата кампања, но нивните односи се влошија откако Маск почна да го критикува новиот закон за буџетот.

Марко Перковиќ Томпсон ја воодушеви својата публика синоќа на концерт во Загребскиот хиподром. Медиумите пренесуваат дека ова е најголемиот музички спектакл во историјата на Хрватска. Полицијата соопшти дека за концертот биле продадени повеќе од 450.000 билети. Oрганизаторите го оценија како најголемиот платен концерт во светот. Посетителите ја пофалија атмосферата.

„Концертот е одличен, сè е навистина врвно и многу сум задоволна и уживам во него. Уживам во оваа публика и во ова заедништво“

„Ги исполни сите мои очекувања и е одлично, навистина е одличен концерт, можете да го видите по овие луѓе таму“

Повеќето улици во центарот на Загреб беа затворени за сообраќај, а беа распоредени над шест илјади полицајци.